10/06/2026
„Домашно, природно, вкусно“ во Скопје Сити Мол од 12 до 14 јуни
Во денешниот свет во кој живееме брзо, ретко размислуваме за потеклото на храната на нашата трпеза. Скопје Сити Мол организира настан што ќе ги разбуди сите ваши сетила и ќе ве потсети на автентичните вкусови што ги сакаме.
Од 12 до 14 јуни просторот на вашиот омилен мол ќе се претвори во вистинска гастрономска ризница, каде што главната улога ја имаат малите локални производители и нивните специјалитети, домашни производи и гурмански приказни.
Што ве очекува на овој Сити Базар посветен на домашната, природна и вкусна храна?
Овој настан е посветен на сите оние што бараат нешто повеќе од обичен производ, на оние што бараат приказна, традиција и проверен квалитет. Под мотото „Домашно, природно, вкусно“, на базарот ќе можете да најдете:
✓ Домашни специјалитети подготвени според традиционални рецепти;
✓ Природни производи што доаѓаат директно од македонските ниви и градини;
✓ Вкусни задоволства создадени со многу љубов и внимание, без индустриски додатоци.
Како и на претходните базари, така и на овој, Скопје Сити Мол ја покажува својата несебична поддршка и почит кон трудот на оние што неуморно се обидуваат да ја раскажат својата приказна пред посетителите на молот. Овој базар е мост меѓу вредните раце на локалните производители и сите вас што го цените здравиот и автентичен начин на исхрана. Без разлика дали сте во потрага по совршено макало, домашен мед, органски чаеви или свежи градинарски плодови, ова е местото каде што квалитетот и автентичниот вкус се загарантирани.
И овој пат Скопје Сити Мол се претвора во простор каде што „домашно“ не е само збор, туку искуство што можете да го вкусите и да го понесете со себе дома.
Ова е одличен викенд заедно да ги поддржиме локалните производители и да уживаме во најдоброто што природата и традицијата можат да го понудат. Дојдете и пронајдете го вашиот омилен домашен вкус!