11/03/2026
📣За првпат во Македонија и регионот (а можеби и во светот)!📣
На крајот на месец август и почетокот на месец септември 2025 година, 3DLoom започна еден многу голем предизвик заедно со професор Софија Пејкова од Универзитетската клиника за пластична хирургија, впуштајќи се во нешто целосно непознато – креирање на 3Д испечатен имплант за пациент кој го има изгубено носот поради малигна болест.
Велиме дека тоа беше непознато за нас затоа што, според нашите сознанија, никаде во светот досега не е опишано решение за креирање на ваков имплант кој би бил обложен со кожа, а притоа да биде целосно персонализиран за конкретниот пациент. Познати се многу опции за реконструкција на носот – со протези или со користење на постоечки ткива кај пациентот. Понекогаш се користи ’рскавица од уво или ребро, па се моделира за да се добие соодветна форма. Но, искрено и реално, резултатите од овие процедури често се, во најмала рака, незадоволителни – и од естетски и од функционален аспект. Исто така, обично се потребни повеќе интервенции во животот за да се добие задоволителниот изглед. Уникатноста во овој пристап е во комбинацијата на користење на forehead flap со персонализиран имплант изработен со помош на 3Д печатење. Ваков пристап досега не е објавен во научната литература, па затоа веруваме дека може да е прв во светот.
Затоа решивме да се зафатиме со нов предизвик и да креираме решение што би било што е можно поблиску до природната функција и изглед на носот кај пациентот.
Процесот започна со детално разгледување на снимките од пациентот, кај кого претходно беше изведена операција за отстранување на малиген тумор на кожата на носот. За да се постигне максимален онколошки ефект, беше неопходно да се отстрани целиот нос со сите ’рскавични структури.
Ги анализиравме снимките направени пред операцијата и ги споредивме со постоперативните снимки. Врз основа на тоа започнавме со креирање на дизајн на имплантот. Тоа само по себе беше предизвик, но сепак не толку голем како сè што следеше понатаму. Требаше да создадеме форма и големина на нос што ќе одговара на претходниот изглед на пациентот, имајќи предвид дека секој нос е уникатен и дека постојат огромни разлики во формата и пропорциите кај различни луѓе.
Откако бевме задоволни со почетниот дизајн на имплантот, следеше уште поголем предизвик – како тој дизајн да се претвори во реален имплант кој може безбедно да се вгради кај пациентот. Потребно беше да се избере материјал кој е безбеден, докажан во медицинската практика, но и доволно прилагодлив за да може да се моделира во прецизната форма што ни беше потребна.
Врз основа на нашето претходно искуство, решивме да работиме со полиметилметакрилат, односно таканаречен коскен цемент. Овој материјал со децении се користи во медицината токму поради својата биокомпатибилност и механички својства. Сепак, постоеше значаен технички предизвик: материјалот првично е во течна состојба, а потоа се стврднува и добива цврстина слична на човечката коска. Тој не може директно да се користи во 3D принтер.
Нашето претходно искуство покажа дека добри резултати може да се постигнат со креирање на калапи во кои се истура материјалот, по што се добива посакуваната форма. Но, геометријата на носот – особено со формирањето на септумот, односно преградата помеѓу двете носници – е исклучително комплексна. Тоа бараше многу креативен и иновативен пристап.
Првично изработивме повеќе различни варијанти на калапи кои не беа соодветни. Потоа пристапивме кон проблемот од друг агол – ги модифициравме пристапите, материјалите, формите и геометријата. По бројни мали корекции и потребни подесувања, постепено дојдовме до решение.
Во јануари 2026 година го изработивме конечниот имплант за нос, кој служеше како подлога врз која подоцна требаше да се формира кожната обвивка кај самиот пациент, преку креирање на таканаречен кожен флап.
На 9 февруари 2026 година беше изведена операцијата. Професор Софија Пејкова изработи forehead flap – односно зема дел од кожата од челото на пациентот. Имплантот кој беше поставен кај пациентот беше обложен со кожа однатре со автотрансплантат, а потоа беше обвиткан со овој кожен флап од челото. По неговото фиксирање и шиење, веднаш се доби форма на носот.
Резултатите беа одлични уште во раната фаза. Сепак, за да се постигне целосен ефект, беше потребно да се почека околу четири недели за флапот да воспостави сопствено крвоснабдување од околното ткиво. По тој период се изведе втора интервенција, на 9 март, при што беше отсечена кожната петелка преку која флапот првично беше поврзан со челото.
Со големо задоволство можеме да кажеме дека операцијата помина успешно и дека резултатите се одлични. Но она што навистина го прави ова неколкумесечно патување вредно е нешто што можеби звучи како клише, но воопшто не е – задоволството на самиот пациент. Тој изрази големо задоволство од исходот и самиот кажа дека сè што е вградено го чувствува како свое, а не како страно тело.
Овој случај е уште еден доказ дека напредната технологија во комбинација со врвната медицинска експертиза може значително да го подобри исходот за пациентите.
Операција беше изведена од тим составен од Проф. Софија Пејкова, Асс. Д-р Катерина Јовановска, Асс.д-р Стефаниа Азманова Младеновска, Д-р Софија Тушева, д-р. Анда Касапи, д-р Муамет Мемети, д-р Немања Ранковиќ, д-р Глорија Ѓоргова и д-р Стефан Арсенков.