02/07/2026
ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО МЕДИУМИТЕ И ЈАВНОСТА
Ја разбираме загриженоста на јавноста кога станува збор за безбедноста на онколошките пациенти и здравствените работници. Токму затоа сметаме дека во вакви ситуации е особено важно информациите да бидат точни, проверени и презентирани без непотребно ширење страв кај пациентите и нивните семејства.
Во текот на вчерашниот ден, поради невремето и обилните врнежи во Скопје, беше регистрирано протекување на вода на нивото -1 од објектот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Како превентивна мерка, апаратите за радиотерапија беа привремено исклучени, а по санирањето на протекувањето беа извршени чистење, дезинфекција и дополнителни проверки од овластени лица. Не беше утврден дефект на апаратите, по што радиотерапевтските третмани продолжија кај пациентите.
Во однос на просторијата каде што се сместуваат пациенти кои примаат терапија со радиоактивен јод, пациентите беа навремено и безбедно преместени во друга соодветна просторија во рамки на Клиниката. Во координација со Институтот за нуклеарна медицина и Дирекцијата за радијациона сигурност беа извршени потребните мерења и проверки, при што не беше утврдена радиоактивна контаминација.
Безбедноста на пациентите и персоналот не беше доведена во прашање. Клиниката постапи согласно предвидените безбедносни процедури и во координација со надлежните институции.
Ги отфрламе сите наводи кои создаваат впечаток дека пациентите биле оставени во небезбедни услови или дека постоела неконтролирана радијациска опасност. Во вакви чувствителни ситуации, особено кога станува збор за тешко болни и имунокомпромитирани пациенти, потребна е одговорност во јавната комуникација, а не дополнително вознемирување на пациентите и нивните семејства.
Клиниката останува целосно отворена за соработка со сите надлежни институции и за транспарентно информирање на јавноста, врз основа на факти, стручни проверки и официјални мерења.
Со почит,
ЈЗУ УК за радиотерапија и оникологија